ВРАНЕЦ

Сортата Вранец има црногорско потекло и се претпоставува дека е настаната по пат на природно вкрстување. Вранецот го карактеризира типот на македонските црвени вина и од него можат да се добијат квалитетни и врвни црвени вина. Има средно голем или голем грозд, валчесто издолжен и проширен. Гроздот е средно збиен или растресит, поставен на долга здрвенета дршка. Вината добиени од вранец се средно јаки до јаки, со 12-13% вол. Алкохол, богати со екстрат и боени материи. По вкус се хармонични со нагласен сортен мирис и пивкост.

 

СМЕДЕРЕВКА

За Смедеревката се претпоставува дека е српска сорта, но неможе со сигурност да се тврди. Се одгледува во повеќе балкански земји, а на поголеми површини е застапена во Бугарија, Србија и Црна Гора, Турција, а се одгледува и во Романија и Унгарија. Во Македонија е исклучително застапена во сите виногорја во Повардарискиот вински реон.

Гроздот е средно голем или голем со конусеста форма, често крилест, средно збиен или растресит. Поставен е на средно долга, цврста, во основата здрвенета дршка.Во наши услови е типично винска сорта, која обезбедува суровина за производство на квалитетни бели вина. Вината се карактеризираат со пивкост, хармоничен вкус и фин вински мирис.